|
Танески, којшто веќе го укотви својот препознатлив темперамент и оригинален дух во поновите текови на македонската поезија, овој пат се претставува со еден освежен „номадизиран“ дискурс, произлезен од самите форми на егзистенцијалната, но и на духовната „преселничка“ иницијација, низ која поминува самиот поет последниве неколку години.
За поетот-номад светот е едно големо, достапно и препознатливо „семиотичко искуство“. Современиот свет постои и се восприема низ конкретнава поетска призма како калорично, отворено, набрекнато и сложено писмо. Наместо да се лизнува во безгрижниот ескапизам на краткотрајната утеха и сетилното задоволство, поезијата на Танески попрво се впушта во тематизација и разоткривање на внатрешниот раскол, на интимната борба што се води меѓу лирското јас со неговата уникатност – независна од социјалната оствареност и успех, од една страна и од друга – т.н. социјално јас, кое го претставува слојот на збиднувањата на лирскиот субјект, кои ја определуваат неговата појавна, општествено-оформена реализација.
Весна Мојсова-Чепишевска
|